Барселона очигледно се подготвува да биде активна на пазарот во текот на летниот преоден рок, откако каталонскиот клуб обезбеди заем од 140 милиони евра од два американски инвестициски фондови со камата од 1.5 отсто во следните пет години.
Каталонскиот гигант тврди дека нема проблеми со финансиската состојба во клубот, а ова не е првпат да добива вакви заеми од стабилни извори. Според весникот „Ел паис“, претседателот на клубот Жосеп Марија Бартомеу неколку пати посочи дека тимот прави профит во последните неколку сезони, така што парите најверојатно ќе се потрошат за нови засилувања.
Барселона веќе го купи младиот талент на Ајакс, Френки де Јонг кој ќе пристигне на лето за 75 милиони евра, а ќе видиме кој друг е на „планот“ на „блауграна“.
Од друга страна, еден од кандидатите за претседател на клубот, Виктор Фонт е загрижен за тоа што се случува во клубот.
„Тие не прават доволно пари и обичните трошоци се поголеми од приходите, така што стравувам дека ќе мораме да продаваме фудбалери за да генерираме профит. Ова е временска бомба. Долгот расне многу повеќе отколку што објаснува клубот“, вели Фонт.