Жозе Мурињо можеби остана без работа и со нарушена репутација на тренер кој победува кога беше отпуштен од Манчестер јунајтед во декември, но барем добро „искешира“ за заминувањето.
Мурињо беше отпуштен по 3:1 поразот од Ливерпул на „Енфилд“, а сега неговиот наследник Оле Гунар Солксјер за 10 дена ќе се соочи со истиот противник, овојпат на „Олд Трафорд“ во меч кој може да значи многу за амбициите на Ливерпул за титулата. Солксјер имаше совршен почеток од 10 победи и едно реми, пред да загуби од ПСЖ со 0:2 дома за да ги сведе шансите за пласман во четврт-финале на теорија.
Во четвртокот, Јунајтед ги објавија последните сметководителни податоци, и во „исклучителни трошоци“ се цитирани 19.6 милиони фунти околу отпуштањето на Мурињо и шесте члена на неговиот тим.
Вклучени во исплатата се тренерот на голманите Силвино Лоуро, скаутот за противниците Рикардо Формозињо, фитнес-тренерите Стефано Рапети и Карлос Лалин и аналитичарот Џовани Чера.
Сумата е толку висока бидејќи Мурињо помалку од една година пред отпуштањето потпиша нов договор со клубот.