Ветеранот на Баерн Минхен, Арјен Робен признава дека не знае што го спречува неговото физичко опоравување, откако нема заиграно за баварскиот гигант од 27 ноември, признавајќи дека на 35 години размислува дали неговата кариера е завршена.
Холанѓанецот објави дека ќе си замине од Баерн на крајот на сезоната, но претпоставката беше дека ќе побара друг клуб и дека ќе игра по проблемите со повредите.
„Навистина е многу, многу фрустрирачки. Се обидовме со речиси сè, но засега ништо не функционира. За жал тоа е најголемиот проблем. Навистина е тешко за мене. За малку ќе се вратев во тимот, но ситуацијата пак се влоши“, вели Робен за „Билд“.
Во последниот меч за клубот на 27 ноември тој постигна два гола во 5:1 победата над Бенфика во Лигата на шампионите. Ова не е прв проблем на Робен со повредите, посебно во периодот во кој беше фудбалер на Реал Мадрид.
Фото: ЕПА