Двократната шампионка од Вимблдон, Петра Квитова и советуваше на светската тенисерка број 1, Наоми Осака да ги реши проблемите со срамежливоста и додаде дека Јапонката мора да научи да се справи со притисокот по освојувањето на гренд слем титулите.
21-годишната Осака заврши во солзи по поразот од Французинката Кристина Младенович во првото коло на Дубаи шампионатот, во првиот меч како светска тенисерка број 1 и прв меч по неочекуваната разделба со тренерот Саша Бајин. Квитова, која загуби од Осака во финалето на Австралија опен минатиот месец, вели дека таа мора да научи да живее со „мета на грбот“.
„Таа е број 1, гренд слем шампионка и сите сакаат да ја победат. Така размислуваат сите тенисерки. Се сеќавам кога бев помлада дека ги имав истите проблеми. Тоа е начинот на кој мора да размислува – сега е фаворитка секогаш кога ќе излезе на теренот“, вели Чехинката.
Светската тенисерка број 4 ја освои својата прва титула на Вимблдон во 2011, но потоа следуваше пад на формата.
„Ми беа потребни три години за следната гренд слем титула. Уште бев во топ 10, се борев, но на големата сцена не успевав. Наоми е срамежлива, исто како што бев јас тогаш. Беше многу тешко, така што целосно ја разбирам“, вели Квитова.
Фото: ЕПА
Осака загуби во првиот меч по отпуштањето на тренерот, заврши во солзи!