По поразот од Њу Орлеанс пеликанс од 128:115, Леброн Џејмс ги критикуваше своите соиграчи од Лос Анџелес лејкерс, велејќи дека тие немаат доволно искуство да го кренат клубот и првпат по шест години да се пласираат во плеј-офот.
„Колку од нив знаат за што играме, кога никогаш не биле таму? Океј е ако зборуваме за тоа, бидејќи не знаат како е да се игра во плеј-офот, но не треба да се плашат. Мислам дека им недостасува чувство на итност, да не се плашат од предизвик. Имаме уште 23 натпревари да го направиме тоа“, вели Џејмс.
Поразот од Њу Орлеанс дојде во вечер во која Сакраменто ги победи Оклахома Сити, оставајќи ги Лејкерс (29-30) на два натпревари зад Кингс во борба за деветтото место на Западната конференција и три и пол натпревари зад Лос Анџелес клиперс и Сан Антонио спарс, двата тима кои се на последните две места кои носат во плеј-офот.
Џејмс има играно во НБА финалето последните осум години и во плеј-офот 13 години во низа, откако не успеа да игра плеј-оф во неговите први две сезони во лигата. Тој има 239 плеј-оф натпревари, додека сите други 11 кошаркари на Лејкерс кои беа на теренот во саботата, имаат заедно 289 плеј-оф натпревари.
„Последните години сите се навикнаа на поразите, но јас не. Никогаш не ми е добро кога губам. Значи, поразот во првиот меч дома од Хјустон е ист како и поразот во 59-тиот натпревар во Њу Ореланс. Тоа сум јас“, вели Леброн.