Top Sport

Ренова го „уништи“ Вардар, само реми за Шкендија во Ѓорче

Една недела по контроверзниот меч со Шкендија, Вардар во Тетово беше декласиран од Ренова со високи 4:0, дозволувајќи Академија Пандев да ги помине на второто место на табелата по 1:0 победата над градскиот ривал Беласица. Шкендија не го искористи новиот „кикс“ на минатогодишниот шампион и одигра 1:1 на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров.

Вардарци беа „готови“ по првите 13 минути, кога прво Емран Рамадани во 9. минута ги донесе во водство, за само четири минути подоцна Емануел Мбела да зголеми на 2:0. Наместо кам-бек во второто полувреме, тимот на Васоски прими брз гол во 48. минута повторно преку Рамадани, за Влатко Стојановски во 74. минута да зголеми на 4:0.

Ова го искористија „академците“, кои со голот на Љупче Дориев стигнаа до 1:0 победа над Беласица за да ги поминат „црвено-црните“ на табелата – клубот од Струмица има 36 поени, еден повеќе од Вардар.

Шампионот Шкендија пак, не успеа да триумфира на гостувањето кај Македонија, иако дојдоа до рано водство преку Омер Имери. Робсон да Силва со гол од слободен удар успеа да освои поен за домаќините. Шкупи без проблеми со 3:0 беше подобар од Победа, додека Работнички и Силекс во Скопје одиграа 1:1.

ПРВА ЛИГА, 20. КОЛО

Беласица – Академија Пандев 0:1

Македонија Ѓорче Петров – Шкендија 1:1

Работнички – Силекс 1:1

Ренова – Вардар 4:0

Шкупи – Победа 3:0

Табела: 1.Шкендија 44, 2.Академија Пандев 36, 3.Вардар 35, 4.Работнички 28, 5.Шкупи 27, 6.Ренова 25, 7.Македонија ЃП 22, 8.Силекс 20, 9.Беласица 18, 10.Победа 18

Фото: ФК Вардар

Scroll to Top