Top Sport

Без победник во дербито на северен Лондон (Видео)

Тотенхем и Арсенал освоија по еден бод во дербито на северен Лондон, што во саботата се одигра во 29 коло, во Премиер лигата на Англија. Мечот го обележа главниот судија Ентони Тејлор со две катастрофални одлуки и најдобриот стрелец на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг кој промаши пенал во 90 минута. Тотенхем прв пат оваа сезона во Премиер лигата одиграа нерешено.

Арсенал беше тимот што успеа да го постигне првиот гол на натпреварот. Лаказет со еден допир на средината од теренот го „спои со голот“ Рамси, а Велшанецот лесно го совлада Љорис.

До крајот на првиот дел Тотенхем имаше две големи шанси преку Ериксен и Сисоко, меѓутоа голманот на Арсенал Лено со две брилијантни интервенции не дозволи да биде совладан.

Вториот дел речиси и да не донесе шанси за постигнување на гол, а во последните 15 минути на сцена стапи главниот судија Ентони Тејлор.

Во 74 минута досуди пенал за Тотенхем, иако во моментот кога му беше упатена топката Хари Кејн беше во недозволена позиција, а потоа дискутабилен беше и стартот на Мустафи врз него по кој судијата покажа на пенал. Подарокот со двете раце го прифати Кејн и израни на 1:1.

Во 90 минута, Тејлор им подари пенал и на играчите на Арсенал, но разлика од Кејн, Обамејанг не го реализираше пеналот, поточно Љорис го одбрани неговиот удар. Во истата акција Обамејанг од три метри го префрли голот.

На табелата по ова 29 коло Тотенхем се трети со 61 поен, четири повеќе од Арсенал.

Scroll to Top