Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Фабио Капело, проговорил за проблемите со кои се соочувал додека престојувал на „Сантијаго Бернабеу“. Тој открил дека Предраг Мијатовиќ и Давор Шукер имале свој клан во соблекувалната.
Мијатовиќ и Шукер, во минатото биле соиграчи во младата репрезентација на Југославија, а во Реал едниот пристигна од Валенсија, а другиот од Севилја.
Тие двајца решиле да го игнорираат, тогаш младиот соиграч, Раул Гонзалес, кој подоцна стана легенда на клубот.
„Шукер и Мијатовиќ тогаш се договорија дека нема да му додаваат на Раул. Тоа навистина и го правеа на теренот. Кога забележав дека нешто не в ред, седнав и разговарав со нив. Признаа дека се договориле да не му додаваат на Раул. Потоа повеќе не го правеа тоа, но до тој разговор го игнорираа Раул“, рекол Капело.
Таа сезона 1996/97, Реал ја освоија титулата во Шпанија, со 92 бода и гол разлика 85:36. На крајот од сезоната Шукер на своето конто имал 24, Раул 21, а Мијатовиќ 14 гола.