Неуспехот на Хрватска да се пласира на Светското првенство во кошарка предизвика многу дискусии кај ветераните на оваа репрезентација, а посебно жестоки беа Ацо Петровиќ и Дино Раѓа.
Хрватска беше претпоследна во групата со силните Литванија, Италија, но и просечните Полска, Унгарија и Холандија откако забележа само четири победи. Петровиќ, поранешниот селектор на Босна и Херцеговина и Бразил и брат на легендата Дражен Петровиќ го смета Раѓа, како дел од стручниот совет на хрватската федерација за одговорен.
„Постои само претседател на стручниот совет кој прави сè и ги носи сите одлуки. Тој на времето само ми кажа: ’Океј, ти си тој’. Откако пред 10 години го уништи Сплит веќе нема потребен квалитет да биде на тоа место. Ред, работа и дисциплина. За тоа зборуваше Раѓа. Тоа ли е истиот Раѓа кој во 1998 за квалификациски натпревар во Славонски Брод спиеше во хотел со пет ѕвездички во Загреб и секој ден со автомобил одеше на тренинг? Тоа ли е ред, работа и дисциплина“, обвинува Петровиќ.
Раѓа не остана покус.
„Со таков лик не ми паѓа на памет да се пресметувам преку медиумите. За моите квалитети и референци ќе зборува некој како Ацо? Знам што му пречи. Во 2017 кога доживеавме дебакл против Русија во осминафиналето тој беше селектор. Цело лето тренинзите му траеја по 45 минути. Што знае тој што се случуваше во 1998? Откај тој би го знаел тоа?“, одговори Раѓа.