Top Sport

(Не)возможна мисија за Јунајтед, Рома гостува на „Драгао“

Рома и Пари Сен Жермен имаат предност над опонентите Порто и Манчестер Јунајтед во пресрет на осмина-финалните реванши во Лигата на шампионите. Поголема предност сепак е онаа на францускиот тим бидејќи е остварен на теренот на противникот (2:0), додека Рома реваншот во Порто ќе го започне со 2:1.

ПСЖ е единствениот тим што му го зеде скалпот на Манчестер Јунајтед откако пред 11 недели тренерската функција презеде Оле Гунар Солскјер. Во Париз сите веруваат дека ова е сезоната кога тимот ќе го исплати вложеното со пласманот во големото финале.

Килијан Мбапе во првиот меч беше нерешлива енигма за противниците, игра во голема форма и се очекува дека повторно тој ќе го реши дуелот, кога во тимот го нема Нејмар поради повреда, а веројатно нема да игра ниту Единсон Кавани.

Гостувањето во Париз за „црвените ѓаволи“ доаѓа во лош момент. Солскјер не може да смета на Матиќ, Ерера, Марсијал, Алексис Санчез, Мата, Лигнард… поради повреди и Погба кој е суспендиран. Поради тоа во ростерот ќе има неколку играчи од клупската академија. Исто така Јунејтед викендов го очекува значаен меч против Арсенал во Лондон.

Многу повеќе неизвесност треба да има на „Драгао“ во Порто. Рома по првиот меч има предност 2:1. Пласман во наредната рунда ќе значи многу на полето на самодовербата кај двата тима, бидејќи викендов забележаа порази во националните шампионати.

Рома го загуби градското дерби од Лацио (3:0), додека Порто доживеа пораз од Бенфика (2:1) и веројатно ќе остане без титулата.

Тренерот на Порто, Сержо Консеисао нема проблеми со повредени и суспендирани фудбалери, ќе може да игра со најсилниот тим, додека кај Рома ќе ги нема Ченгиз Ундер и Хавиер Паторе, а под знак прашалник е настапот на Костас Манолас.

Дуелите во Париз и Порто ќе започнат во 21 часот.

Scroll to Top