Реал Мадрид го направија неверојатното, успеаја да го убедат Зинедин Зидан да се врати како тренер на тимот до 2022 година, ставајќи крај на шпекулациите за негово преземање на Јувентус, но и на Челси.
По катастрофалната недела во која двапати загубија од Барселона и беа елиминирани во осминафиналето на Лигата на шампионите од Ајакс со домашен пораз од 1:4, Сантијаго Солари е отпуштен и на неговото место доаѓа Зидан, кој се повлече минатото лето по третата титула од Лигата на шампиони освоена со „кралскиот клуб“.
46-годишниот Французин беше на чело во 149 меча со „Лос бланкос“, а ја освои и титулата од Ла лига во 2017 година, но реши да си замине неочекувано во текот на летото, откако од клубот замина и Кристијано Роналдо.
? Zidane regresa al @realmadrid.#HalaMadrid | #RealMadrid https://t.co/frvoYof4sx
— Real Madrid C.F.⚽ (@realmadrid) March 11, 2019
Тој прво беше заменет со поранешниот шпански селектор, Хулен Лопетеги, кој беше отпуштен по само три месеци на „Сантијаго Бернабеу“ и на негово место дојде Аргентинецот Сантијаго Солари, но формата не се поправи.
Според шпанските медиуми, Зидан бил убеден да се врати на клупата со ветувањето за трошење на 350 милиони евра од претседателот Флорентино Перез на целосен „ремонт“ на тимот, со Нејмар, Килијан Мбапе, Еден Азар и Кристијан Ериксен како потенцијални засилувања. За да се оствари оваа мисија, Мадрид се подготени да ги продадат Герет Бејл и Лука Модриќ.