Формула 1 ќе почне да доделува екстра поен за возачот кој ќе постави најбрз круг на една трка почнувајќи од Австралиското ГП во Мелбурн овој викенд, но само ако возачот заврши во топ 10.
Светската автомобилистичка федерација (ФИА) објави дека Стратешката група на Ф1 и Ф1 Комисијата официјално едногласно одлучиле да се случи оваа промена која беше најавена од Светскиот моторспорт совет на ФИА на 7 март. Тимот чиј болид ќе постигне најбрз круг исто така ќе добие дополнителен поен во пласманот на конструктори.
Ова, инаку, не е ново правило во Формула 1, бидејќи од 1950 до 1958 година возачот со најбрз круг добиваше дополнителен поен, иако само во еден момент, во 1958 година овие поени играа улога во одредувањето на шампионот – Сер Стерлинг Мос (Вонвол) победи на повеќе трки, но Мајк Хоторн (Ферари) и покрај тоа што имаше само една победа цела сезона (Француското ГП во Ремс), ја освои титулата со поен предност поради четири најбрзи кругови во однос на трите на Мос.
Но, тука е и примерот од втората сезона во Формула Е, кога на последната трка Лукас ди Граси и Себастиен Буеми се судрија на стартот, поминаа време во боксот да се поправат нивните болиди, па се вратија на патеката во обид да го добијат најбрзиот круг со кој би ја освоиле титулата. Останува да видиме дали ваква фарса може да се случи во Ф1.