Top Sport

Баерн понудиле рекордна сума за Пепе

Никола Пепе би можел да биде најскапото засилување во историјата на Бундес лигата, доколку ја прифати понудата на Баерн Минхен. Францускиот портал „беИн Спортс Франс“, објави дека Баварците биле подготвени да му платат на Лил 80 милиони евра за Пепе.

„Пепе е блиску до Баерн Минхен“, пишува порталот.

Крилниот напаѓач од Брегот на Слонова коска има договор со Лил до јуни 2022 година, а за медиумите изјавил дека се уште не размислува околу евентуалните понуди.

„Кога ќе дојде вистинскиот момент ќе ја донесам одлуката. Дали имало контакти со Баерн? Мене никој не ме контактирал. Мојот менаџер се занимава со тие работи, јас се фокусирам на ова интензивна сезона. Немам посебни желби, ги следам сите првенства. Исто ми е, дали ќе останам во Лил или ќе заминам некаде“, рекол Пепе за телевизијата „Канал +“.

Во досегашниот дел од сезоната, 23-годишникот, има учинок од 19 гола и 10 асистенции. Тој е втор стрелец во Франција, пред него е само Килијан Мбапе.

Наводно, Пепе за Баерн бил алтернатива, доколку Баварците не успеат со трансферот на Калум Хадсон-Одои од Челси.

Весникот „Билд“ вчера објави дека Баварците во летниот преоден рок планирале да потрошат 200 милиони евра за засилувања.

За Пепе, покрај Баерн интерес покажувале ПСЖ и Реал Мадрид.

Scroll to Top