Челси направи пресврт и успеа да стигне до 2:1 победа на гостувањето кај Кардиф во 29. коло од Премиер лигата, но тимот на Маурицио Сари не може да биде задоволен од играта, посебно бидејќи за победата еден од најзаслужните беше судијата Крег Посон, кој дозволи „сините“ да го постигнат израмнувачкиот гол од очигледен офсајд.
Поразот сигурно ќе ги боли Кардиф, кои 84 минути имаа водство во мечот, во ситуација во која поените за нив се многу важни – тие се на 17. место со 28 поени, пет помалку од безбедната зона за опстанок во лигата.
Виктор Камараса го донесе велшкиот клуб во водство во 47. минута, и Челси не успеваше да најде решение за играта на домаќините сè до 84. минута, кога Цезар Азпиликуета го најде патот до мрежата на Етериџ, но од офсајд позиција. Да се зголеми лошото попладне за Кардиф, Рубен Лофтус-Чик во 91. минута обезбеди тие да не освојат ниту поен.
Со триумфот Челси се враќа во борба за место во ЛШ – тие се на шестото место со 60 поени, исто како и петтопласираниот Арсенал (со меч помалку), додека пред нив Тотенхем и Манчестер јунајтед имаат по 61 поен.