Клаудио Раниери тврди дека прави сè што е во негова можност да ги натера Рома „повторно да играат како тим“, велејќи дека 25 часа дневно размислува како да го подобри тимот.
Победничкиот старт на кам-бекот на Раниери на клупата на „волчицата“ падна во сенка со поразите од СПАЛ и Наполи, посебно откако Наполи ги „здроби“ на „Олимпико“ со 4:1. Следно за „лупи“ се Фиорентина, тим кој им даде седум гола во Копа Италија оваа сезона.
„Се надевам дека поразите се гориво кое ќе го искористиме за реакција. Морам да проценам кој може да игра 30 минути, кој треба да има подолга пауза. Џеко играше со повреда на колкот против Наполи и ќе видиме како ќе се чувствува. Работам 25 часа дневно, размислувајќи како да помогнам на овој тим. Не е лесно, но се обидувам.“, вели Раниери.
Во Италија постојат шпекулации дека Франческо Тоти ќе добие шанса да има раководна улога во тимот, ветувајќи промени, а исто така се вели дека и капитенот Даниеле де Роси може да го наследи Раниери.
„Даниеле ќе размислува за тоа кога ќе престане да игра. Франческо веќе има важна улога и е во хармонија за тимот. За мене тој е главна референца, како за сите во клубот. Тие ќе одлучат кој ќе ја има главната улога“, вели Раниери.