Вилјареал губеше со 0:2 од моќната Барселона по само 16 минути игра, за со спектакуларен пресврт да стигне до 4:2 водство, кое во го загуби во судското продолжение и одигра 4:4. Со овој поен предноста на Каталонците пред Атлетико Мадрид е осум поени пред нивната меѓусебна пресметка на „Ноу камп“ за само четири дена.
Кутињо во 12. и Малком во 16. минута донесоа предност за гостите, по што многумина веруваа дека тоа ќе биде уште една рутинска победа на Блауграна, но домаќините не мислеа така. Инспирирани од фантастичниот Санти Казорла во средниот ред, тие прво намалија на 1:2 во 23. минута преку Чуквуезе, по што во второто полувреме постигнаа три гола (Екамби, Ибора, Бака) за да поведат со 4:2.
Сепак, домаќините останаа со играч помалку во 86. минута (Алваро доби втор жолт картон), а Барселона успеа да намали преку Лео Меси, кој повторно „заби“ со преубав гол од слободен удар. За мечот да заврши спектакуларно се погрижи Луис Суарез, кој во 94. минута од работ на шестнаесетникот погоди за 4:4.