Рома стигна до 2:1 победа во „Дерби дела капитале“ против Лацио за петта победа во Серија А во низа, со која се искачија на третото место во лигата со само два поени помалку од Наполи, кои вечерва го пречекуваат Милан.
Мечот на „Олимпико“ започна со ретка обединетост на фановите, откако двете навивачки групи ја одбележија 10-годишнината од смртта на Габриеле Сандри, навивачот на Лацио и диџеј, кој беше убиен од полициски куршум додека седеше во автомобил. Тој беше поздравен со голем банер, а неговите родители беа во публиката.
Првото полувреме помина во знакот на Рома, која имаше неколку шанси преку Един Џеко и Наинголан, кои беа спречени само од одличните рефлекси на Томас Стракоша. Рома дојде во предност преку гол од пенал на Диего Пероти во 49. минута, за само четири минути подоцна тој да го „намести“ голот на Наинголан.
Лацио успеа да намали со гол од пенал по игра со рака преку Чиро Имобиле во 79. минута, но тоа беше најмногу што можеа да направат. Лацио сега е на петтото место со 28 поени, два помалку од Рома и четири помалку од лидерите Наполи.