Таткото на Килија Мбапе вели дека му е смачено од постојаните шпекулации околу евентуалниот трансфер на неговиот син од Пари Сен-Жермен во Реал Мадрид.
20-годишниот Мбапе веќе две години го „промовираат“ во најдобриот млад фудбалер на светот, посебно откако лани со Франција ја освои титулата светски првак, но неговиот татко Вилфрид Мбапе вели дека му е доста од шпекулациите дека Реал ќе се обиде ова лето да го донесе на „Бернабеу“.
„Претходно читав и гледав сè за Килијан, но веќе не. Тоа е како чоколадна торта, ако изедеш премногу ќе добиеш расипан стомак. Исто така има и многу лаги. Знам дека Килијан е јавна личност, но не ја сфаќам потребата за постојани шпекулации. Засрамувачки е. Денеска сите го знаат неговото име и понекогаш е потребен мир. Ние знаеме од каде сме дојдени. Мојата сопруга, моите деца, остануваат исти, ги имаме истите пријатели“, вели Вилфрид Мбапе за весникот „Ле паризиен“.
Сепак, на Вилфрид не му е мака да ги слуша пофалбите за неговиот син.
„Кој ми е омилен фудбалер? Првиот е Килијан, а вториот Мбапе. Ги сакав бразилскиот Роналдо, Зидан, Марадона, Кројф и Роналдињо, а го сакам и Нејмар. Кога игра со Килијан тоа е шоу“, додава таткото.