Вечерва ќе бидат познати првите два тима што ќе играат во полу-финалето во Лигата на шампионите. На програмата се реванш дуелите од четврт-финалната фаза Јувентус-Ајакс и Барселона-Манчестер Јунајтед.
Екипите кои вечерва гостуваат, во минатата рунда, направија сензационани пресврти и преку Реал во Мадрид, односно ПСЖ во Париз, се пласираа меѓу најдобрите осум.
Во редовите на Ајакс и Манчестер Јунајтед посакуваат повторување на историјата, иако двата тима имаат далеку потешки задачи.
Ајакс има квалитет, меѓутоа она што беше забележливо и на првиот меч Јувентус има огромно искуство и неговите играчи знаат како се играат вакви натпревари.
Јасно е дека Ајакс нема да отстапат од својата напаѓачка игра, дека ќе инсистираат на поседот на топка и дека ќе ја казнат секоја грешка на противникот.
Фокусот кај Јувентус е кај Кристијано Роналдо. Португалецот во Амстердам одигра просечен меч, а сепак постигна гол. Алегри има проблеми во одбраната и овој меч ќе го пропушти капитенот Кјелини, а во тимот според последните информации ќе го нема ниту Манџукиќ. Добра вест за Јуве е враќањето на Емре Џан.
Ајакс се комплетни, иако под знак прашалник е настапот на Де Јонг. 21-годишниот на последниот натпревар во првенството одигра само 20 минути пред да ја напушти играта.
Барселона има 1:0 по првиот меч во Манчестер и впечатокот е дека победникот во овој дво меч е решен, иако така не смета тренерот Валверде. Тој повикува на претпазливост и најавува офанзива на својот тим.
„Ќе се обидеме да нападнеме, ќе одиме на победа, нема да го браниме резултатот, тоа би било апсурдно. Ме плаши нивната психолошка подготовка, нивната менатлна состојба, силата и брзината на нивните фудбалери. Не смееме да им дозволиме да го освојуваат просторот, бидејќи се многу точни и ефикасни во додавањата“, рекол Валверде.
Реванш натпреварите во Торино и Барселона ќе започнат во 21 часот, утре во истиот термин се играат реваншите Манчестер сити-Тотенхем (1:1) и Порто-Ливерпул (0:2).