Британската олимписка легенда Мо Фара влезе во остра расправија со уште еден легендарен тркач на долги патеки, Хаиле Гебрселасие, обвинувајќи го дека одбил да му помогне откако се случил грабеж во хотелот на Етиопјанецот.
Според Фара, околу 3.200 долари во различни валути, два мобилни телефони и скап часовник кој е подарок од неговата сопруга биле украдени од хотелска соба во Адис Абаба во хотелот на Гебрселасие, додека тој трчал на неговиот роденден на 23 март. Фара вели дека во хотелот никој не сакал да му помогне, а кога побарал директно помош од Гебрселасие, тој го одбил.
„Тој воопшто не ми одговори иако тоа е негов хотел“, вели Фара.
Гебрселасие пак вели дека инцидентот е веднаш пријавен кај полицијата, но додаде дека обвинувањата се недокажани откако полицијата испитала пет вработени во хотелот. Тој додава дека Фара самиот решил да не го користи сефот достапен од хотелот, и го обвини дека не ја платил сметката од 3.000 долари, иако имал 50 отсто попуст.
„Обвинувањата на Мо се неосновани и се вистинска клевета на мојата тешко стекната репутација. Моите адвокати ќе ги преземат потребните чекори“, изјави Гебрселасие.