Австриецот Доминик Тим се квалификуваше на АТП финалето во Лондон втора година едноподруго. Светскиот рекет број 7 им се приклучува на Рафаел Надал, Роџер Федерер и Александер Зверев на завршниот турнир за најдобрите осум тенисери во календарската година од 12 до 19 ноември во „О2 арената“ во Лондон.
24-годишниот Тим се квалификуваше по четврт-финалето на Мастерсот во Шангај, со што сега остануваат само уште четири места на елитнио турнир.
„Горд сум што повторно одам на АТП финалето. Не е лесно да се квалификуваш ниту еднаш, а вистинска чест е да се игра со најдобрите на светот“, вели Тим, кој оваа година настапи на 24 турнири, а освои една титула, на Рио опен.
Григор Димитров, Марин Чилиќ, Давид Гофан и Пабло Карењо-Буста во моментов се на следните четири позиции кои носат во финалето, а Сем Квереј и Кевин Андерсон се блиску до нив. До крајот на сезоната има уште две недели и три турнири – Ерсте банк опен, Свис индорс и Мастерсот во Париз.