Top Sport

Вардар на 60 минути од нов „поход“ на Келн

РК Вардар денеска во 19 часот во Унгарија ќе брка трет последователен настап на фајнал фор турнирот во ЕХФ Лигата на шампионите, во обид најуспешната ера во историјата на клубот да се заврши со нов голем настап. Предизвикот не е голем – Вардар има +8 во пресметката со Пик Сегед, но не треба да се заборави дека ништо не е готово…

Навивачите на Вардар се загрижени за иднината на клубот откако спонзорот Сергеј Самсоненко откако ја донесе европската титула во Скопје најави дека веќе нема да може да го поддржува клубот, предизвикувајќи голем број на иницијативи за „спасување“ на „црвено-црните“, од кои секако најсериозна е таа на поранешниот претседател и актуелен прв човек на СЕХА-лигата, Михајло Михајловски.

Тој минатата недела официјално побара трпение од навивачите, но и од ракометарите, најавувајќи инвестиции во клубот и додавајќи дека нема да се дозволи европски Вардар да „пропадне“.

Не дека на ракометарите им требаше дополнителна мотивација откако во првиот меч во Скопје покажаа дека играат со срце за клубот и дека се подготвени за големиот предизвик. Пик Сегед е актуелен унгарски шампион и клуб со големи амбиции, така што мора да се биде внимателен пред да се види Вардар третпат ендоподруго во „Ланксес арената“ во Келн.

Денеска исто така ќе го дознаеме и четвртиот патник на фајнал-фор, откако вчера билетите ги визираа Барселона и Веспрем. Пари Сен-Жермен под водство на екстренерот на Вардар, Раул Гонзалес ќе се обиде да го направи невозможното и да надополни 10 гола разлика кои Кјелце ги направи во првиот меч во Полска.

ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, 1/4 ФИНАЛЕ

Пари Сен-Жермен – Виве Кјелце 17.00 ч. (24:34)

Пик Сегед – Вардар 19.00 ч. (23:31)

ВЧЕРА ИГРАА

Барселона – Нант 29:26 (32:25)

Веспрем – Флензбург 29:25 (28:22)

Фото: РК Вардар

Scroll to Top