Валтери Ботас научи која е тајната да го победува својот клупски колега од Мерцедес, Луис Хамилтон, вели поранешниот светски шампион Нико Розберг, кој, конечно, го победи Хамилтон за светската титула во 2016 година пред да се пензионира.
Ботас е негов наследник кај „сребрената стрела“ со солидни, но не и воодушевувачки сезони 2017 и 2018, пред оваа година да „експлодира“ и со две победи да е на еден поен пред Хамилтон по четири трки од сезоната.
Розберг, кој вели дека чувствува интересна динамика меѓу колегите, вели дека клучот е да не го провоцираш Хамилтон.
„Никогаш не треба да го нервираш Луис, бидејќи ако се налути тогаш станува помотивиран и гризе како териер. Валтери успеа да најде начин да го менаџира тоа, нешто што јас го сфатив во мојата последна сезона“, вели Розберг.
И Герхард Бергер, поранешниот клупски колега на Аиртон Сена, вели дека е импресиониран од Ботас.
„Навистина е изненадувачки да го видиш Финецот. Тој е кул, многу добро момче, смирено, но и многу брзо. Предноста на Хамилтон е во трпението – тој не мора да победи на првата кривина, бидејќи има време“, оценува Австриецот.