Серија А оцени дека нема потреба да го казни Каљари за расистичките извици кон напаѓачот на Јувентус, Моисе Кин на мечот во април, бидејќи „инцидентот не е доволно голем“.
Кин беше мета на расистички извици од публиката на Сардинија, а откако тој постигна гол и прославуваше пред домашните навивачи, тие се зголемија. Неговиот колега, Блез Матуиди дури се закани да го напушти теренот поради извиците. Но, во Серија А не мислат така.
„Извиците, дури и да беа препознатливи, објективно имаа ограничено значење во мечот. Одлуката е да не се казни Каљари“, се вели во соопштението на лигата.
Ова сигурно ќе ја зголеми дебатата за расизам во италијанскиот фудбал, каде што претходно слични испади имаше и против Калиду Кулибали, Марио Балотели и Кевин-Принс Боатенг.
Инцидентот на Сардинија во април беше на насловните страници и поради изјавата на колегата на Кин, Леонардо Бонучи, кој изјави дека Кин не требало да ги провоцира навивачите и дека самиот е „50-50“ виновен. По ова, Бонучи се изнвини, велејќи дека неговата изјава е погрешно разбрана.