Една од најхаотичните сезони во историјата на Серија Б стана уште похаотична, откако Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ) нареди да има бараж за опстанок во лигата.
Откако прво беа „осакатени“ и ја стартуваа лигата со 19 клубови, хаосот продолжи откако Палермо, клубот на македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски беше исфрлен во трета лига, по што организаторите решија да се откажат од баражот за опстанок.
Палермо официјално беше поставен на последното место, а Фоџа се искачи од 17. место на 16. место, кое по првичните правила ќе му дозволеше бараж во два меча со 15-пласираниот тим Салернитана. Но, лигата објави дека Фоџа директно испаѓа во Серија Ц. Фоџа, кои ја стартуваа лигата со -6 поени поради административни проблеми, се жалеа до регионалниот суд, кој ја усвои нивната жалба, по што Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ) реши сепак да има бараж.
Серија Б во 2018/19 стартуваше со 19 тимови, откако Бари и Чезена банкротираа, а Авелино не доби лиценца за настап.