Викендов ќе се вози Големата награда на Монте Карло. На вчерашните тренинзи доминираа возачите на Марцедес, Луис Хамилтон и Валтери Ботас. Пилотите на Ферари имаа многу проблеми, поради што Себастијан Фетел и Шарл Леклер не се оптимисти во пресрет на утрешните квалификации за пол-позицијата.
Шарл Леклер, во четвртокот, забележа четврто најбрзо време. Тој беше за три десетинки зад Хамилтон, додека Фетел зад лидерот во генералниот пласман имаше послабо време за седум десетинки.
„Не знам точно што е проблемот. Мерцедес се многу силни, добри се во свиоците, што беше случај и во Барселона. Имавме тежок ден, првиот тренинг беше солиден, но вториот беше тежок. Не ги користевме гумите како што треба, поради тоа имавме проблеми. Реално тешко ќе стигнеме до пол-позицијата“, рекол Леклер.
Со неговата констатација се согласил и поранешниот светски првак Себастијан Фетел.
„Во споредба со Мерцедес, ние немаме добар ритам, гумите не работат како што треба. Сигурен сум дека до утре ќе ја намалиме разликата. Можеби ќе биде потопло што може да ни помогне“, рекол Фетел.
Денес во Монте Карло е слободен ден, в сабота од 12 часот ќе се вози третиот тренинг, а квалификациите за пол-позицијата на програмата се во 15 часот.