Маурисио Почетино се подготвува за најголемиот натпревар во својата тренерска кариера, дуелот со Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите, но тоа не го спречи да даде бизарно интервју за „Токспорт“ во кое зборуваше за навиката да чува лимони во соблекувалната на тимот и за разочарувањето со крајот на серијата „Игра на тронови“.
„Лимоните се тука да се отстрани лошата енергија. Во мојата канцеларија доаѓаат многу луѓе, а некои од нив немаат добра енергија. Кога ќе дојдат такви, енергијата оди во лимоните. Тоа е како бариера, како сунѓер. Ја преземаат негативноста и ги менувам на секои 10 дена. Понекогаш по само три-четири дена бидејќи веднаш се расипуваат. Кога претседателот Даниел Леви не е тука, може да ми траат цел месец“, вели Почетино, кој веќе пет години е тренер на Тотенхем.
Тој потоа објаснува за своето верување во „универзалната енергија“.
„Таа постои, а проблемот е дали си отворен да ја примиш. Се работи за вербата во некоја енергија која е помоќна од нас и енергија со која треба да се поврзеш. Тоа се случува поради некоја причина и треба да ја откриеш. Се сеќавам кога бев млад и кога почнав да верувам дека нешто постои. Мојата последна мисла пред одење во кревет беше дека утре сакам да направам нешто и тоа обично се остваруваше“, објаснува Поч, како што го нарекуваат навивачите на Тотенхем.
Покрај фудбалот, Почетино вели дека гледа речиси секаков спорт на ТВ, вклучувајќи лакрос и пикадо.
„Гледав малку лакрос пред некој ден и навистина уживав. Се сеќавам дека мојот син ме праша каков е тој спорт и потоа се заинтересирав и сега го следам. Гледам секаков спорт, Ф1, тенис, рагби. Пикадо посебно, бидејќи ми се допаѓа атмосферата“, вели Почетино.
Покрај спортската ТВ програма, тренерот е разочаран од крајот на неговата омилена ТВ-серија, „Игра на тронови“.
„Многу сум разочаран од последните епизоди. Се работеше за неверојатна серија, но во последнава сезона згрешија со избрзаниот крај. Немаше никакв смисла и мислам дека никој не е задоволен од крајот“, објаснува Почетино.