Денеска уште четири руски спортисти добија суспензија за настап на следните Олимписки игри по скандалот од Сочи 2014, додека во исто време претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) побара да не се поставува притисок пред клучниот состанок на бордот на ИОЦ на кој ќе се одлучува учеството на Русија на Зимската олимпијада во февруари.
Двократниот олимписки шампион во боб-санкање, Александер Зубков, човекот кој го носеше знамето на Свеченото отварање во Сочи во 2014, е „избришан“ од тие Игри, заедно со натпреварувачката во брзо лизгање, Олга Фаткулина, која освои сребро на 500 метри. Дисквалификувани и избркани од Олимпијадата се и Олга Стулнева (боб-санкање) и Александер Румјанцев (брзо лизгање), кои не освоија медали во Сочи.
Зубков, кој сега е претседател на Руската федерација во боб-санкање, вели дека спортот станал политика.
„Не одам никаде. Работев за тие медали, а сите мои остварувања, сите победи се остварени на чесен начин. Спортот стана политика. Имаме комисија која прави одлуки без докази и основа. Додека ги кажував моите факти и докази, тие спиеја зад своите канцелариски маси. Јасно е дека одлуките се донесени претходно“, изјави Зубков.
Русија имаше освоено најмногу медали на ОИ во Сочи, но сега има само 9 злата, помалку од Норвешка и Канада. Вкупно, Русија сега има 24 медали, зад САД, Норвешка и Канада. Севкупно, 14 руски спортисти добија суспензија овој месец и беа загубени 9 медали.
„Топката“ сега е кај Томас Бах, германскиот претседател на ИОЦ, кој првпат најави дека е можна целосна суспензија на руските спортисти на состанокот на бордот на 5 декември.
„Некои вршат притисок и тоа е погрешно“, изјави Бах во Загреб на состанок со европските олимписки лидери.
Русија веќе се закани дека нема да ги пренесува на ТВ игрите од Пјеонгчанг, дека ќе ги блокира хокеарите од Континенталната хокеарска лига (КХЛ), а Русија јавно порача дека нема да може да се настапи на Игрите без руско знаме и руска химна.
Бах пред Летната олимпијада во Рио во 2016, одби да ги суспендира Русите, но сега вели дека „важната разлика“ е тоа што спортистите имале легален процес и фер-сослушување од ИОЦ.
„Сега е за тоа што се случи на Зимската олимпијада во Сочи. Сега се работи за интегритетот на Олимписките игри. Тоа што се случуваше во олимписка лабораторија со олимписки спортисти. Затоа мора да се донесе фер-одлука“, додаде Бах.
Наместо суспензија, сè поблиску до руски бојкот на Олимпијадата
Мутко: Русија не е виновна за допинг-скандалот, туку ИОЦ и ВАДА