Ракометарите на Металург забележаа нов пораз во Лигата на шампионите, вкупно шестти оваа сезона, а четврти во низа во елитното натпреварување. Сметајќи ги и дуелите во регионалната СЕХА лига, тимот кој во отсуство на првиот тренер Лино Червар, го води Александар Јовиќ, се наоѓа во серија од шест порази.
Украинскиот шампион Мотор Запорожје ништо не му препушти на случајот, допатува во Скопје со цел да победи и тоа го направи на убедлив начин. Мотор го совлада Металург со 22:30 (16:11) и ја обезбеди втората позиција на табелата и пласман во осмина-финалето.
Во најавата на дуелот тренерот Јовиќ бараше неговите играчи да играат добро во одбраната, посучувајчи го овој елемент како клучен за конечниот резултат и во тој сегмент Металург целосно потфрли. Исто така Металург не блескаше ниту во нападот, најмногу во ситуација кога напаѓше со седуммина.
Дека на екипата од Автокоманда не и се пишува ништо добро беше јасно по само шест минуит игра кога Мотор поведе со 1:6. Иако Металург успеа да се доближи во деветтата минута на 3:5 јасно беше дека тимот нема капацитет да се носи со Украинците.
Мотор предноста од пет гола ја врати во 14.минута (9:14), Металург пет минути подцна одново се доближи на негатива од три гола (7:10) и тоа беше се од домашниот тим.
Гостите во 26.минута имаа шест гола предност (9:16), а на полувреме беше 11:16.
Не успеа Металург да ја наметне својата игра ниту во вториот дел, напротив Мотор во 38.минута имаше 13:20, а во 47.минута стигна и до двоцифрена предност (15:25).
Мотор до победата го предводеше голманот Тереков со 13 одбрани (2 седмерци), а неговиот колега Киреев во првите 14 минути собра 5 одбрани (2 седмерци).
Најефикасен кај победникот беше Козакевич со 5 гола.
Арсиќ кај Металург собра девет одбрани, а најпрецизен беше Димитриевски 5 гола.
Сезоната во Лигата на шампионите ќе ја заврши на 2.декември со гостувањето кај Спортинг во Лисабон.