Ветеранот на Рома, Даниеле де Роси се извини откако ја загуби контролата при 1:1 ремито на гостувањето кај Џенова, откако неговото однесување скапо го чинеше тимот кој се обидуваше да ја продолжи рекордната серија на гостински победи во Серија А.
Рома водеа со 1:0 во мечот полн со тензии кога Де Роси без топка се туркаше со Џанлука Лападула по што го удри по лицето. По консултацијата со електронскиот систем за помош на судиите (ВАР), судијата досуди пенал и Лападула го искористи, а 34-годишниот Роси доби црвен картон.
„Морам да се извинам на моите колеги, на тренерот и на навивачите. Ова е момент за кој навистина жалам. Нема што да се додаде – се боревме, се обидов да го блокирам со раката. Снимката колку и да е лоша кажува сè“, изјави Де Роси по 15. црвен картон во кариерата.
Тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо посочи дека Де Роси требал да знае дека со ВАР нема да „избега“ од одговорност.
„Со денешната технологија не можете да поминете со такво однесување. Даниеле не е млад и го знае тоа. Но, тој е дел од тимот и кога победуваме и кога губиме. Вакво нешто не смее да се повтори“, изјави Ди Франческо.