Претседателот на Пари Сен-Жермен, катарскиот милијардер Насер Ал-Хелаифи ги предупреди фудбалерите на клубот дека веќе нема да толерира „однесување како селебрити“.
Шпекулациите во Франција постојано тврдеа дека во соблекувалната има несогласувања и поделби, посебно меѓу Единсон Кавани и Нејмар, и сега Ал-Хелаифи во интервју за „Франс фудбал“ најави дека ќе има промена на слободата која ја уживаа високоплатените фудбалери.
„Веќе не сакам однесување како селебрити на моите фудбалери. Тие ќе мораат да ги преземат своите обврски многу повеќе од претходно. Мора да биде сосема поинаку. Да прават повеќе, да работат повеќе. Не се тука да се задоволуваат. Ако не се согласуваат, вратите се отворени. Чао!“, изјави Ал-Хелаифи.
Овие изјави доаѓаат во момент кога двата најскапи фудбалери на светот, Нејмар и Килијан Мбапе, се поврзувани со трансфери. За Нејмар повторно се „кренаа“ шпекулациите дека ќе заврши во Барселона, додека Реал Мадрид се многу заинтересирани за Килијан Мбапе, кој неодамна изјави дека сака поинаков пристап на ПСЖ во иднина. Првите промени кои ги направи Ал-Хелаифи ова лето беше отказот на спортскиот директор Антеро Енрике со Леонардо.
„Промените беа неопходни, бидејќи во спротивност не одиме никаде. Лео е моето момче и имам целосна доверба во него“, вели Ал-Хелаифи.