Барселона сериозно размислува да го врати Нејмар на „Ноу камп“ следната сезона, и трансферот е сосема „можен“ тврди извор од каталонскиот клуб за „ЕСПН“.
Во Каталонија се свесни дека преговорите со Пари Сен-Жермен се поинакви од преговорите со другите клубови поради финансиската моќ на катарските сопственици. Според „ЕСПН“, не постои директен контакт со луѓето на Нејмар, но ако Бразилецот сака да се врати во клубот во кој помина четири сезони пред во 2017 да замине за рекордни 222 милиони евра, тогаш тешките преговори може да вродат со плод.
Една од главните причини зошто Барса планираат да го вратат во Каталонија е желбата на повеќето клучни фудбалери на клубот, во прв план Лионел Меси и Луис Суарез, со кои Нејмар е во постојан контакт.
„Франс фудбал“ минатата недела објави дека ПСЖ се подготвени да ги разгледаат понудите, а претседателот на клубот Насер Ал-Хелаифи најави дека кој не сака да биде во тимот, може да разговара со него. Бразилскиот „Глобо еспорте“ пак, во понеделникот објави дека претседателот на Барселона, Жосеп Марија Бартомеу веќе контактирал со Нејмар и неговиот татко.
Според овој извор, Барселона дури би вклучиле тројца фудбалери во договорот – Иван Ракитиќ, Усман Дембеле и Самуел Умтити.