Грчкиот кошаркарски клуб Панатинаикос објави дека нема да игра во грчката лига во наредната сезона доколку големиот ривал Олимпијакос не биде исфрлен од натпреварувањето.
Страстите во грчката кошарка не се смируваат по одлуката на клубот од Пиреја да го напушти натпреварувањето во Грција.
Од Панатинаикос велат:
„Додека се чека одлуката на Спортскиот суд во врска со исфрлувањето на Олимпијакос во втора лига, клубот сака да разјасни некои работи. Панатинаикос и Олимпијакос нема да се натпреваруваат во ист ранг во грчката кошарка. Легално и илегално не можат да коегзистираат. Законите се закони и мора за сите да бидат исти. За принципите и моралот на нашиот клуб нема преговори. Сигурно нема да се враќаме на оваа тема“.
Проблемите во грчката кошарка почнаа во полуфиналето на Купот кога Олимпијакос го напушти мечот против ПАО на полувремето поради незадоволство од судиските одлуки.
Клубот од Пиреја тогаш најави дека нема да игра мечеви против „зелените“ се додека не се доведат странски судии. Во склад на принципите, „црвено-белите“ не играа првенствен меч против Панатинаикос, а подоцна се повлекоа и од четвртфиналната серија против истиот ривал.
Според правилата, Олимпијакос би требало да биде казнет со исфрлање од лигата, но атинскиот клуб правдата ја бара на суд.