Аргентинскиот селектор, Хорхе Сампаоли, не ги споменува актуелните светски шампиони Германија како фаворити на СП во Русија во 2018 година, велејќи дека „не му се допаѓа“ нивниот начин на игра.
Аргентина едвај ги мина квалификациите за СП, откако Лионел Меси ги „крена“ во последниот меч со Еквадор за да го фатат „последниот воз“. Од друга страна, Германците имаа 10 победи во 10 квалификациски мечеви и многумина ги сметаат за први фаворити за одбрана на трофејот кој го освоија во Бразил во 2014 со победа токму над Аргентина.
„Мислам дека Бразил, Шпанија и Франција се чекор пред нас поради тоа што нивниот тим подолго работи заедно. Германија? Не ја споменувам не бидејќи заборавив на нив, туку поради тоа што не ми се допаѓа начинот на кој тие играат“, вели Сампаоли.
Сампаоли исто така посочи дека постои можност напаѓачот на Јувентус, Гонзало Игуаин кој е на „мраз“ откако тој стана селектор, да се врати во националниот дрес.
„На кратки патеки прашањето на Игуаин е компликувано за нас. Но, на средни патеки, тој може да биде многу важен фудбалер за Аргентина“, вели Сампаоли.