Барселона подготвува понуда од 112 милиони евра за младиот талент на Интер и на аргентинската репрезентација, Лаутаро Мартинез по неговите настапи на Копа Америка, тврдат аргентинските медиуми.
Напаѓачот ќе наполни 22 години во август и беше сензација за „албиселесте“ постигнувајќи два гола во два меча за да стане херој во Аргентина. Тој е најдобар стрелец во аргентинската репрезентација откако Лионел Скалони дојде на клупата со 5 гола во само 9 настапи за репрезентацијата.
Според „Радио Ла Ред“, Барса сметаат дека Лаутаро е многу подобра мета од неговиот соиграч од Интер, Мауро Икарди и подготвува понуда вредна 112 милиони евра за фудбалер кој го чинеше Интер само 14 милиони евра по трансферот од Расинг (кои ќе добијат 10 отсто од договорот).
Популарниот „Ел Торо“ (бик) постигна 9 гола и имаше 2 асистенции во 35 настапи за Интер минатата сезона. Неговата продажба ќе овозможи Интер да го донесе Ромелу Лукаку од Манчестер јунајтед и ветеранот на Рома, Един Џеко, кои ги бара лично новиот тренер на клубот, Антонио Конте.