Иако признава дека има „одредени физички ограничувања“, Роберт Кубица ги отфрли тврдењата дека во основа тој вози со една рака во Формула 1 болидот при тестирањето за Вилијамс во Абу Даби.
Кубица помина 100 круга во вторникот во Абу Даби, и беше задоволен од прогресот во обидот да се врати во Ф1 по седум години.
„Слушнав дека некои велат дека возам со една рака, што е невозможно. Има некои ограничувања со моето тело, но ништо толку критично. Ние сме луѓе и нашите мозоци се навикнати да ги надминуваат недостатоците. Мислам дека тоа го управувам многу добро“, вели Полјакот.
Тој признава дека направил многу оваа година за да ги убеди тимовите дека заслужува кам-бек.
„Физички завршив неверојатна работа во последните шест месеци. Не беше лесно, и не се одмарав. Физички сум можеби во мојата најдобра форма, далеку подобро од 2010 кога се тркав. Мотивацијата е тука, а телото реагира добро. Почнувам од нула бидејќи Ф1 е сменета многу во последните седум години, но имам искуство. Би било штета да не добијам вистинска шанса“, додава Кубица.