Атлетико Мадрид и Челси постигнаа договор околу Алваро Мората. Напаѓачот оваа сезона ќе ја одигра како позајмен фудбалер, а Атлетико неговиот договор, за сума од 55 милиони евра, ќе го откупи на почетокот на сезоната 2020/2021.
Алваро Мората, во јануари, пристигна на „Ванда Метрополитано“. Тогаш клубовите договорија 18 месечна позајмица. Во вториот дел од сезоната тој одигра 17 натпревари за „јорганџиите“ и постигна шест гола.
Минатата недела медиумите шпекулираа дека Челси ќе го услови Атлетико веднаш да го откупи договорот на Мората, во спротивно ќе го вратат играчот во Лондон.
Сепак, во саботата, Атлетико на својата интернет страница објави дека Челси ќе ги почитува условите од договорот што го постигнале во јануари. Тоа значи дека Мората ќе остане на позајмица оваа сезона, а Атлетико на 1.јули наредната година во целост ќе го откупи неговиот договор.