Антоан Гризман не се појави на подготовките за новата сезона, што Атлетико ги започна вчера. Стартот на подготовките донесе и нова епизода од „сагата Гризман“.
Атлетико уште во петокот ги известиле сите играчи што се под договор да се појават на почетокот на подготовките. Гризман се уште е играч на Атлетико, но тој веднаш одговори дека нема да се појави во тренинг центарот бидејќи тоа ќе предизвикало„голем стрес“ кај него, а и веќе се збогувал со соиграчите.
Исто така, како што пренесе весникот од Каталонија „Спорт“ тој рекол дека има уште неколку дена одмор и дека не бил обврзан од почетокот на подготовките да биде до тимот. Во исто време тој на Барселона им порачал да го завршат неговиот трансфер.
Некаде во исто време кога и Гризман се огласил и првиот човек на Атлетико Енрике Серезо, кој францускиот репрезентативец го сместил во ист кош со уште еден „Јуда“, Серхио Агуеро, кој на сличен начин во 2011 го напуштил клубот.
„Гризман е одличен играч, но многи ‘тешко’ момче. Човек со проблеми. Замина од клубот на споредна врата, како кукавица, не сакајќи на никого да му погледне в очи. Мислам дека никој немаше ништо да му замери доколку беше искрен со нас“, рекол Серезо и дополнил.
„Диего Годин како човек дојде кај мене ми кажа што имаше и замина на голема врата. Гризман својата врата ја затвори со задникот. Во овој клуб постојат две врати, а вратата на Гризман се веднаш до вратата на Агуеро. Играчите одат каде што сакаат доколку го сакаат тоа. Ако сакаат да останат јас сум среќен. Вакво однесување не разбиран и никако не можам да толерирам“.
Инаку, според шпанските медиуми Гризман денес или утре треба самиот да ја плати клаузулата од 120 милиони евра, в четврток да ги мине медицинските прегледи, а в петок да го потпише договорот со Барселона.