Top Sport

Гризман разочаран и збунет од она што се случува

Антоан Гризман му одговори на својот се уште актуелен клуб Атлетико Мадрид дека нема намера да се појави на подготовките за новата сезона, која клубот ќе ги започне в недела.

Атлетико, доцна вечерата во петокот, објави соопштение, во кое ги обвини Гризман и Барселона дека не покажале почитување кон клубот и неговите навивачи.

„Барселона излегоа со предлог да го пуштиме Гризман, а тие дури потоа да ја исплатат откупната клаузула. Ние таа понуда ја одбивме. И Барселона и фудбалерот покажаа дека не го почитуваат Атлетико и нашите навивачи“, стои во соопштението.

„Гризман на 14 мај не информираше дека ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната. Дури потоа дознавме дека со Барселона тој се договорил уште во март, во деновите кога игравме против Јувентус во Лигата на шампионите. Барселона и Гризман преговарале од февруари. Како резултат на се ова Атлетико бара од играчот, неговата сестра, која е негов менаџер и адвокат, да ги почитуваат одредбите од важечкиот договор и тој в недела да се појави на почетокот на подготовките“.

Медиумите тврдат дека Барселона официјално ќе и го претстави на јавноста францускиот репрезентативец на 11 јули.

Во меѓувреме се огласи и фудбалерот кој порачал дека нема да се појави на стартот на подготовките.

Тој рекол дека бил „збунет и разочаран“ од она што се случувало во изминатите денови и дека евентуалното појавување во тренинг центарот кај него би предизвикал „голем стрес“ бидејќи веќе се збогувал со соиграчите и навивачите.

Scroll to Top