Италијанскиот весник „Кориере дело спорт“ тврди дека Синиша Михајловиќ ќе си замине од својата позиција тренер на Болоња бидејќи е сериозно болен.
Според саботното издание на спортскиот весник, Михајловиќ неодамна бил на лекарски прегледи и му советувале да почне со агресивни третмани. Под вакви услови српскиот тренер не би можел да продолжи со работата.
50-годишниот Михајловиќ седна на клупата на Болоња на местото на Филипо Инзаги на крајот на јануари, но го трансформираше тимот и од зоната за испаѓање ги крена до 10. место. Тој се согласи на нов договор до јуни 2022 година.
Михајловиќ поголемиот дел од фудбалската кариера го помина во Италија, откако во 1992 потпиша за Рома, а играше и за Сампдорија, Лацио и Интер. По повлекувањето од фудбалот во 2006, тој беше помошник на Роберто Манчини во Интер, пред во 2008 да почне да работи со Болоња. Тој исто така беше тренер на Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино.