Хамес Родригез ќе биде изненадувачкото засилување за Атлетико Мадрид, откако „јорганџиите“ ќе го „грабнат“ Колумбиецот од Реал Мадрид пред носот на Наполи, кои веќе цел месец се обидуваат да го донесат во Италија, тврди шпанска „Марка“.
Колумбиецот сака да остане да живее во Мадрид, но оддамна е јасно дека не е во плановите на Зинедин Зидан по враќањето од двегодишната позајмица во Баерн Минхен. Наполи беа најзаинтересирани да го добијат талентираниот Колумбиец, но не се подготвени да ги исплатат парите кои ги бара Реал.
Од друга страна Атлетико ги има потребните средства да се реализира овој трансфер (посебно откако Барса платија 120 милиони евра за Антоан Гризман), и единствена пречка би можело да биде несогласувањето на Реал да го засили директно својот ривал во шпанската Ла лига.