Кошаркарскиот клуб Панатинаикос на навивачите на ривалскиот клуб Олимпијакос им понудил попуст на билетите за натпреварите што наредната сезона ќе ги играат „зелените“.
Ова е провокација до ривалскиот клуб и неговите навивачи бидејќи Олимпијакос наредната сезона ќе игра во Втората лига на Грција. Олимпијакос на полувремето го напуштија полу-финалето во Купот на Грција, а потоа не го одиграа и првенствениот дуел со Панатинаикос, поради што челниците на лигата го исфрлија овој клуб во Втората лига.
Ривалството помеѓу клубовите е големо, а од Панатинаикос решија дополнително да ги провоцираат ривалите со образложение дека доколку навивачите на Олимпијакос сакаат да гледаат добра кошарка тогаш ќе имаа попуст за мечевите на ПАО.
„Секој навивач на Олимпијакос кој сака да гледа добра кошарка, со приложената сезонска карта на својот клуб ќе добие 50 отсто попуст за влезниците што ПАО ќе ги игра на домашен терен во наредната сезона“, стои на сајтот на Панатинаикос.
Иако Олимпијакос е исфрлен во понизок ранг, двата тима наредната сезона сигурно ќе одиграат два меча во Евролигата.