Top Sport

29 години од смртта на Аиртон Сена

На денешен ден пред 29 години животот го загуби легендарниот Аиртон Сена на трката за Големата награда на Сан Марино во Формула 1.

Сена, еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, ако не и најдобар, почина на 34. годишна возраст откако ја изгуби контролата над својот болид со над 300 км/ч и удри во ѕидот на свиокот Тамбурело на патеката Енцо и Дино Ферари во Имола.

Легендарниот Бразилец победи на 41 трка во кариерата, освои три шампионски титули и остана запаметен како крал на квалификациите и најдобар возач на дожд на сите времиња.

Само ден претходно на истата патека за време на квалификациите на речиси истото место животот го загуби и Австриецот Роланд Раценбергер. Две трагедии, особено онаа од 1 мај 1994 година, засекогаш ги променија и Формула 1 и спортот воопшто.

И сега, 29 години подоцна, многумина размислуваат за „што ќе беше ако“, но едно е сигурно, Сена беше единствен, некои не го сакаа, многумина го сакаа, но тој беше и останува еден од најдобрите во историјата. .

Scroll to Top