Top Sport

Агостини: Роси претерува, Јамаха бара „акција“ против Маркез

Валентино Роси претерува со критиките на Марк Маркез за инцидентот на Аргентинското ГП и греши што посочува дека возачот на Хонда го удрил намерно, вели неговиот италијански сонародник, легендарниот Џакомо Агостини.

Роси по судирот со Маркез на патеката „Термас де Рио Хондо“ изјави дека „му е страв“ да вози покрај Маркез и дека Шпанецот го „уништува спортот“ со агресивното возење. Со ова се врати старата искра меѓу двајцата возачи од 2015 година, кога Роси го обвини Маркез дека добива поддршка од Хорхе Лоренцо во борбата за титулата.

Маркез се правдаше дека се работи за вообичаена грешка и дека не направил „ништо лудо“. Агостини вели дека Маркез не треба да добие дополнителна казна од таа од 30 секунди и посочи дека и Роси имал слични потези во минатото.

„Маркез направи грешка и се извини, и се надевам дека нема да го повтори тоа, но не треба да биде дисквалификуван. Ако почнеме да ги дисквалификуваме возачите, никој нема да сака да се трка. Тоа се случува на сите, на мене, на Роси, на Зарко, на Педроза. Не е вистина дека Маркез оди на нозете на возачите. Двајцата беа нервозни и претеруваа со изјавите“, вели Агостини.

Сепак, во тимот на Роси, Јамаха, не мислат дека казната е доволна. Директорот на тимот, Масимо Мерегали заедно со шефот на фабричкиот тим, Лин Џарвис побараа дополнителни санкции за актуелниот шампион.

„Иако ја почитуваме одлуката на директорите на трката да му дадат казнаод 30 секунди, сметаме дека овој опасен стил на возење не треба да биде охрабруван поради безбедносни причини и поради доброто на спортот“, изјави Мерегали.

Со казната, Маркез падна на 18. место и надвор од поени, едно место пред Роси. Маркез е петти во генерален пласман со 18 поени помалку од лидерот во генерален пласман, Кал Крачлоу, додека Роси е осми со 22 поени заостанување.

„Штетата е направена, бидејќи Валентино загуби доста пеони на оваа трка. Се надевам дека во Остин ќе видиме фер-трка“, вели Мерегали.

Роси е бесен: Маркез намерно се удира во возачите!

Scroll to Top