Top Sport

Ако може „розев“ Мерцедес, во 2021 ќе може и четири исти Ред була!

Шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер вели дека доколку се дозволи и следната година Рејсинг поинт да вози „розев Мерцедес“, односно биде дозволено да се копира една година стар болид, неговите два тима ќе возат идентични болиди.

„Розевиот Мерцедес“ на Рејсинг поинт предизвикува контроверзи цела сезона, откако ФИА одлучи дека нивните сопирачки се копирани од тие на Мерцедес од 2019, и ги казни со 15 поени и 400.000 евра, но дозволи тие да се користат до крајот на сезоната.

Хорнер вели дека доколку Рејсинг поинт ја добијат легалната битка со Ферари оваа година и им биде дозволено да користат делови од Мерцедес и во 2021, Ред бул ќе постави „четири идентични болиди“, два на Ред бул и два на сестринскиот тим Алфа Таури.

„Од перспектива на Ред бул, темата е важна бидејќи сакаме да знаеме што е дозволено за следната сезона. Ред бул уникатно има 100 отсто од два тима и нема друг тим во таква ситуација. Ако се дозволи моделот на Рејсинг поинт, следната година ќе имаме четири идентични болиди. Ќе видиме што ќе решат во ФИА“, вели Хорнер.

Scroll to Top