Top Sport

Федерер, Надал и Мареј контра „паралелната“ организација на Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ останува на планот да организира нова „паралелна“ организација на тенисерите и покрај големото противење на неговите ривали Роџер Федерер, Рафаел Надал и Енди Мареј. Светскиот број 1 и Канаѓанецот Васек Поспишил се креатори на новата Асоцијација на професионални тенисери (ПТПА) за која се надеваат дека ќе функционира покрај Советот на играчи на АТП.

Ѓоковиќ откри дека ќе побара од сите топ 500 тенисери во сингл и топ 200 тенисери во дубл да ја поддржат иницијативата и покрај противењето на Федерер, Надал и Мареј и на АТП турнејата.

„Легално, ние сме 100 отсто сигурни и имаме слобода да формираме асоцијација на тенисери. Ова не е синдикат, туку е асоцијација на тенисери. Не бараме бојкоти, не планираме паралелни турнеи. Целта е да се види поддршката и ќе оставиме време луѓето да бидат убедени. Би сакал да ги имам Роџер и Рафа покрај нас, но ја разбирам нивната ситуација“, вели Ѓоковиќ.

Надал се јави на Твитер.

„Светот поминува низ тешка и компликувана ситуација и мислам дека ова е време за смиреност и за работа во вистинска насока. Време е за единство, не за одвојување. Сите, тенисерите, турнирите и турнеите мораат да работат заедно. Имаме поголем проблем и ова не е решение“, напиша Надал.

Федерер веднаш го поддржа.

„Се согласувам. Ова се несигурни и тешки времиња и критично е да останеме обединети како тенисери и како спорт за подобра иднина“, напиша Федерер.

Мареј, кој се подготвува за својот прв гренд слем од Австралија опен од јануари 2019 година, исто така потврди дека нема да го поддржи Ѓоковиќ.

„Не сум целосно против синдикати на играчи и асоцијации, но во моментов има неколку забелешки. Сегашните луѓе треба да добијат време да ја комплетираат визијата. Исто така ми пречи што тенисерките не се вклучени во проектот, бидејќи така ќе се пратеше посилна порака“, вели Мареј.

Scroll to Top