Четирикратниот Ф1 шампион и советник на Рено, Алан Прост вели дека на францускиот производител „ќе му олесни“ кога од следната година нема да работи со тимот на Ред бул по „распадот“ на односите последните неколку сезони.
Рено и Ред бул заедно освоија четири титули во низа со Себастијан Фетел, но по воведувањето на В6 турбо-хибридните мотори почна доминацијата на Мерцедес, а од Ред бул постојано ги обвинуваа Рено за недоволно добар мотор. Од следната гоидна Ред бул ќе вози со мотори на Хонда и советникот на Рено, Прост вели дека едвај чекаат „помирни“ односи во 2019 година, во која во фабричкиот тим ќе вози сегашниот возач на Ред бул, Даниел Рикардо.
„Искрено, на крајот веќе не сме несреќни што си заминуваат. Јас останав во добри односи со нив, иако го критикував нивниот начин на комуникација, кој честопати одеше предалеку и самите го знаеја тоа. Од следната сезона ќе биде малку помирно за Рено“, вели Прост.