Top Sport

Алонсо ја сфаќа ситуацијата на Хамилтон: Е, тоа е Формула 1

Двократниот светски шампион Фернандо Алонсо најдобро знае како е да возиш неконкурентен болид, и затоа сосема ја сфаќа ситуацијата во која се наоѓа неговиот поранешен колега, седумкратниот шампион Луис Хамилтон, оценувајќи дека „Тоа е Формула 1“.

Алонсо и Хамилтон беа колеги во една бурна сезона во Мекларен во 2007, кога имаа конфликт во тимот борејќи се за доминација, и дозволија Кими Раиконен да стане шампион со Ферари. Алонсо замина по една сезона и сега 15 години подоцна, двајцата се наоѓаат во неконурентни болиди.

Додека тоа е разбирливо за Алонсо во Алпине Ф1, Хамилтон по осум години доминација на неговиот Мерцедес се наоѓа во големи проблеми со само 28 поени во првите четири трки од сезоната. Во Имола, на последната трка тој беше надвор од топ 10 на квалификациите првпат од 2009, и заврши на 13. место на трката.

„Тоа е Формула 1. Секогаш било така. Кога Аиртон Сена стана шампион и победуваше, го имаше најбрзиот болид. Кога јас бев шампион, јас го имав најбрзиот боли. Шумахер го имаше најбрзиот болид, Луис ги скрши сите рекорди поради најбрзиот болид. Денеска, тој вози фантастично и е на 13. место. Е, тоа е Формула 1“, вели Алонсо.

Scroll to Top