По повеќе недели шпекулации, Тојота потврди дека Фернандо Алонсо ќе тестира нивни ЛМП1 автомобил во Бахреин, како дел од подготовките за настап на 24 часа Ле Ман следната година.
Постоеја сомнежи дека Хонда, кои сè уште имаат договор со матичниот тим на Шпанецот може да му попречи во тестот за најголемиот јапонски ривал Тојота, но двократниот Ф1 шампион сега ќе може да се подготвува за напад на „тројната круна“ во мотоспортот – победи на Монако ГП во Ф1, на Индијанполис 500 и на 24 часа Ле Ман.
„Пресреќни сме што Фернандо ќе тестира со нашиот автомобил. Не посети во Келн и бевме воодушевени од неговиот ентузијазам и страст за спортот. Тој е вистински тркач“, вели претседателот на Тојота рејсинг, Хисатаке Мурата.
Алонсо присуствуваше на саботната трка 6 часа Бахреин како гостин на кралското семејство на оваа земја, и каде што Тојотата на Себастиен Буеми, Ентони Дејвидсон и Казуки Накаџима победи со еден круг разлика во последната трка на Порше во Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ).
Алонсо ќе тестира заедно со Томас Лорен, кој доби шанса за тест по одличните трки во својата дебитантска сезона во ВЕЦ.