Поранешниот Ф1 возач Рубенс Барикело вели дека актуелниот шампион, Луис Хамилтон е поталентиран возач од неговиот поранешен тимски колега Михаел Шумахер, но и од легендарниот Аиртон Сена, велејќи дека никој не бил толку смирен под притисок.
Барикело, кој е рекордер со 326. ГП трки во кариерата, имаше шанси да се трка со тројцата возачи во својата кариера која траеше од 1993 до крајот на 2011 година. Тој исто така беш колега со Шумахер во доминантните години на Ферари.
„Хамилтон има талент кој најверојатно е поголем од тој на Аиртон и на Шумахер. Единствено што досега му недостасуваше беше зрелост, но со прогресот денеска го гледаме целосниот возач. Интересно е да се слушаат неговите разговори преку радиото, кога е неверојатно смирен, дава информации и знае што е потребно“, вели Барикело во интервју за „ЕСПН“ откако беше запрашан да „изгради“ совршен Ф1 возач.
Сепак, за ваков „совршен“ возач, тој зеде по една карактеристика на Сена, Хамилтон и Шумахер.
„Совршениот возач би ја имал умешноста на Аиртон, храброста на Шумахер и координацијата на Хамилтон. Тоа би било шоу“, додава Барикело.